Македонски фудбал Меѓународен фудбал Репрезентација на Македонија Фудбал

Македонија против фаворитот, Седлоски по којзнае кој пат најави промени…

Македонската фудбалска репрезентација пристигна во Луцерн со јасна цел, да покаже реакција по убедливиот пораз од Швајцарија во Скопје и да го поправи впечатокот во вториот меѓусебен дуел. Пред „црвено-жолтите“ е најтешкиот можен предизвик во групата, против селекцијата која досега не знае за кикс и со максимален ефект го потврдува фаворитскиот статус. Селекторот Гоце Седлоски на прес-конференцијата пред натпреварот потенцираше дека неговиот тим мора да ги елиминира грешките кои го одбележаа првиот дуел.

„Пред десет дена игравме со Швајцарија, знаеме каква репрезентација е и со какви играчи располага. Мора да ги надминеме грешките од првиот меч во Скопје. На терен ќе излеземе да докажеме дека знаеме да ги отстраниме проблемите кои ги имавме и головите што ги примивме, со колективна игра, еден за друг“, порача Седлоски.

„Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Еден добар натпревар за нас сакаме и да се израдуваме по поразите кои ги имавме“, додаде селекторот.

Македонија по три одиграни натпревари сè уште е без победа и без постигнат гол, а Седлоски најави дека за дуелот во Луцерн може да има промени во составот. Густата програма, со четири натпревари во само 12 дена, според него бара свежина и дополнителна енергија на теренот. Во тимот повторно е Езџан Алиоски, кој поради проблем со листот не беше во можност да настапи во претходниот период. Сега е целосно во тренажен процес и е во конкуренција за настап.

„Алиоски требаше да влезе на натпреварот во Скопје, но почувствува болка во листот. Имаше терапии и дојде пред последниот натпревар кој го игравме, беше на трибините за да не го повтори проблемот. Сигурно дека ќе биде во конкуренција да почне“, објасни Седлоски.

Селекторот најави дека шанса би можеле да добијат и фудбалери кои досега имаа помала минутажа, со оглед на напорниот ритам.

„Сите играчи кои се повикани ќе добијат шанса. Ќе има свежи играчи и некои промени, затоа што не може да се издржи таков период, толку натпревари во кратко време“, вели Седлоски.

Во момент кога резултатите не се на страната на репрезентацијата, селекторот побара јавноста и навивачите критиките да ги насочат кон него, а фудбалерите да ја почувствуваат потребната поддршка.

„Како што кажав, критиките нека одат кон мене, а играчите да добијат поддршка. Потребна им е во овој момент“, истакна Седлоски.

Тој потенцираше дека младите фудбалери во репрезентацијата мора постепено да напредуваат, особено со оглед на тоа што добиваат шанса во натпревари од највисоко ниво.

„Од секој играч сакам подобро. Тука има момци кои се млади, кои се примени добро од постарите и од меч во меч мора да бидеме подобри. Секој меч е поинаков, но мора сите да бидат спремни за секој меч што им следи“, заклучи Седлоски.

Швајцарија и Македонија ќе се сретнат во утре од 20:45 часот во Луцерн.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.