Македонскиот ракометен шампион нема да има загарантирано место во Лигата на шампионите за сезоната 2027/28, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) го објави новиот клупски рејтинг на националните федерации. Македонија се најде на 11. позиција со коефициент 30,67, што не беше доволно за место меѓу десетте федерации чии шампиони директно ќе настапат во елитното европско натпреварување. Последната позиција што носи сигурен пласман и припадна на Норвешка.
Иако македонскиот ракомет напредуваше за едно место во однос на претходното рангирање, шампионот и натаму ќе мора да се надева на специјална покана од ЕХФ. Во последните четири сезони токму на тој начин место во Лигата на шампионите обезбедуваа Вардар и Пелистер. Од друга страна, Македонија бележи подобар пласман во Европската лига, каде се искачи на 10. место на рејтинг-листата и ќе има две директни места во натпреварувањето за сезоната 2027/28. Во ЕХФ Европскиот куп, исто така, се обезбедени две загарантирани позиции за македонските клубови.

