Новиот предводник на македонската репрезентација за фудбалери до 21 година, Александар Танески, тргна со реми на својот тренерски деби-натпревар. Во рамките на претпоследното, деветто коло од квалификацискиот циклус за Европското првенство 2027, нашата младинска селекција одигра 1-1 против вршниците од Црна Гора на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.
Воведниот дел од средбата помина во рамноправна и претпазлива игра на двете страни со малку посериозни закани. Сепак, гостите беа оние кои први го зададоа ударот, користејќи ја својата прва вистинска можност пред самиот крај на порвиот дел, кога Андреј Костиќ во 44. минута ја затресе мрежата за предност на Црногорците.
Сликата на теренот драстично се промени во вториот дел, македонските фудбалери излегоа далеку поофанзивно и со агресивен притисок веднаш се преселија пред противничкиот шеснаесетник. Најпрво во 54. минута фудбалерот на Вардар, Димитар Данев, упати одличен удар од околу 15 метри кој заврши во пречката, за само четири минути подоцна да стигне заслуженото израмнување. По оправдано досуден пенал во полза на Македонија, Љатифи беше сигурен реализатор од белата точка за 1-1 во 58. минута.
До самиот крај од средбата македонските репрезентативци ги диктираа случувањата на теренот барајќи целосен пресврт, но црногорската одбрана издржа, па мечот заврши со поделба на бодовите.

