Кошарка Меѓународна кошарка

Макаби немоќен во Белград, Црвена звезда славеше со убедливи 100:78

Кошаркарите на Црвена звезда на домашен терен го совладаа Макаби Тел Авив со убедливи 100:78 во рамките на осмото коло од Евролигата. Белградскиот состав одигра одличен натпревар, а со петтиот сезонски триумф се израмни со Дубаи на делба на шестото место на табелата. Домаќините уште во воведните десет минути покажаа дека се решени да ја преземат контролата врз натпреварот. Црвена звезда ја одигра првата четвртина во висок ритам и ја доби со убедливи 34:15. Посебно се истакна Тајсон Картер, кој погоди четири тројки во овој период, додека серијата од последните 18 поени на „црвено-белите“ во четвртината беше комплетирана исклучиво со удари од далечина.

Ниту во продолжението гостите не најдоа решение за расположениот домаќин. Црвена звезда ја доби и втората делница со 21:15, па на полувремето замина со огромни 25 поени предност (55:30). Ваквата разлика му овозможи на српскиот претставник значително помирно да го дочека вториот дел од средбата. По паузата, белградскиот тим продолжи да го диктира темпото и без поголеми проблеми ја одржуваше предноста. Макаби се обиде да го ублажи негативниот резултат, но немаше сили за сериозен камбек, па Црвена звезда заслужено стигна до убедлив триумф пред домашната публика.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.