Екипата на Мајнц оствари убедлива победа од 0:5 на гостувањето кај Хамбургер во рамките на второто коло од германската Бундеслига. Домаќините одиграа уште еден катастрофален натпревар и исто како во првото коло против Борусија Дортмунд, во воведните 45 минути не успеаја да упатат ниту еден удар кон противничкиот гол.
Гостите ја отворија серијата во 19. минута преку расположениот Шералдо Бекер, кој подоцна, во 41. минута, му асистираше на дефанзивецот Филип Мвене за зголемување на 0:2.
Инфериорноста на ХСВ продолжи и во второто полувреме. Филип Тиц со два погодока во 48. и 83. минута донесе убедливи 0:4, додека тоталниот дебакл на домаќините во судиското надополнување го потврди резервистот Рансфорд Кенигсдорфер. Тој ги постави конечните 0:5 и предизвика бура од реакции на трибините со бурната прослава на погодокот против клубот каде што настапуваше четири години.
По два одиграни меча, Хамбургер се наоѓа на последното место на табелата без освоен бод и со загрижувачка гол-разлика од 0:7, додека Мајнц ги запиша своите први три бода во новата сезона.

