Кризата во Манчестер Јунајтед ги разгоре страстите во англиската фудбалска јавност, а по разочарувачкото реми против Фулам, сите стрели беа насочени директно кон Маркус Рашфорд. Англискиот офанзивец се врати на „Олд Трафорд“ по позајмиците во Астон Вила и Барселона, но неговиот учинок е катастрофален, започна како стартер на четири од петте меча во Премиер лигата, а за повеќе од 400 минути на теренот нема запишано ниту еден гол ниту асистенција. Ваквата бледа форма испровоцира брутална реакција од легендарниот напаѓач Мајкл Овен.
Поранешниот репрезентативец и освојувач на „Златната топка“ истакна дека говорот на телото кај Рашфорд открива длабока апатија, отворено доведувајќи го во прашање неговиот мотив да игра за „црвените ѓаволи“.
„На левото крило, Маркус Рашфорд беше убедливо најнезабележителниот играч во нападот. Против Фулам изгледаше како воопшто да не му се игра, судејќи по говорот на телото и тој мртов, тмурен израз на лицето. Едноставно не делува како човек кој ужива во фудбалот, а тоа е проблем што го следи веќе подолго време. Изгледа како да го носи целиот товар на овој свет на своите плеќи. Барселона му беше последната голема шанса и имаше неверојатна среќа што замина таму, но откако не ги задоволи критериумите, Каталонците потрошија огромни пари за да го заменат со Ентони Гордон“, изјави Овен.
Поради сè поголемиот револт кај навивачите, се очекува Мајкл Керик конечно да го пресели Рашфорд на клупата за резерви. Ваквата тактичка промена би му овозможила на Матеус Куња да се префрли на омилената лева крилна позиција, додека во срцето на нападот да стартува Бенјамин Шешко. Сепак, било каква одлука на теренот ќе мора да почека, Рашфорд заработи повреда на колкот во второто полувреме на „Кревен Котиџ“, поради што ги откажа репрезентативните обврски за Англија за претстојните мечеви против Шпанија, Чешка и Хрватска во Лигата на нации.

