Формула 1 овој викенд отвора ново поглавје со премиерното издание на Големата награда на Шпанија на новата патека Мадринг во Мадрид. Патеката е долга 5,416 километри и има 22 свиоци, а комбинира дел од улиците околу комплексот ИФЕМА со новоизграден сегмент во Валдебебас. Конфигурацијата е брза и тесна, а малку е просторот за грешка. Дека Мадринг може да биде исклучително тежок предизвик покажа и тестот на Формула 3. За само два дена беа забележани дури 19 црвени знамиња, од кои 11 поради удари во заштитните бариери.
Посебно внимание привлекува свиокот „Ла Монументал“, долг околу 550 метри и со нагиб до 24 проценти. Возачите низ него ќе минуваат со огромни брзини, а Пирели веќе го означи како еден од најголемите предизвици за гумите во шампионатот. На делови од патеката болидите би можеле да достигнуваат околу 340 километри на час, додека ѕидовите ќе бидат опасно блиску. Дополнителен фактор ќе биде и невообичаено долгиот пит-лејн, кој би можел значително да влијае врз стратегиите.
Најголемата непознаница, сепак, е фактот што ниту еден возач нема вистинско тркачко искуство со Формула 1 на Мадринг. Токму затоа дебито во Мадрид се очекува да донесе непредвидлив и потенцијално хаотичен викенд.

