Кошаркарите на Маџари приредија вистинска сензација во МТЕЛ Супер лигата, откако во драматичен натпревар го совладаа фаворизираниот ТФТ со 71:69 и обезбедија историско финале. Со вкупни 2-0 во полуфиналната серија, екипата која за првпат сезонава настапува во најелитното кошаркарско друштво во Македонија покажа дека спортските чуда се и тоа како можни.
Иако уште на самиот старт останаа без својот повреден лидер Грин, домашните играчи не се предадоа и низ израмнета битка со многу резултатски пресврти успеаја да го скршат отпорот на противникот. Вистински кошаркарски трилер се одвиваше во последните секунди од мечот, кои донесоа пенал завршница со многу тактизирање и прекини. Трагичар за гостинскиот тим беше Виктор Ташовски, кој во самиот финиш при обид за тројка изнуди три слободни фрлања, но за неверување ги промаши сите три слободни фрлања кои можеа резултатски да го спасат ТФТ и да му донесат победа. Херој во победничкиот табор беше Луис со фантастични 24 поени, додека кај поразените ист број на поени запиша токму Ташовски.
Овој триумф претставува најголем успех во клупската историја на Маџари, тим кој од апсолутен аутсајдер прерасна во сериозен финалист подготвен за борба за шампионскиот пехар.

