Меѓународен фудбал Фудбал

Луксуз за Ел Класико, Барселона продава специјален дрес за 499 евра!

Барселона подготви специјално издание на дресот за претстојното Ел Класико против Реал Мадрид, но вниманието не го привлекува само неговиот дизајн. Цената на ограничената серија достигнува 499,99 евра, додека најексклузивните колекционерски примероци се продаваат за дури 2.999,99 евра.

Каталонскиот клуб ја реализираше идејата во соработка со GOLF WANG, модниот бренд на американскиот музичар Тајлер, The Creator. Новата опрема е наменета за големото дерби закажано за 25 октомври на „Камп Ноу“. Од дресот во верзија Match, наменета за најголемите колекционери, достапни се само 1.899 примероци. Дополнително, клубот понуди и специјални изданија со автограми. Меѓу нив се 22 дреса потпишани од играчите на машкиот и женскиот тим, како и уште 11 со потписот на Тајлер.

Ова не е првпат Барселона да соработува со светски познати музички имиња за Ел Класико. Во претходните изданија на дресовите се појавувале имињата и логата на уметници како Дрејк, Ролинг Стоунс, Колдплеј, Тревис Скот и Ед Ширан. Со најновиот проект, Барселона повторно го поврзува фудбалот со музиката и модата, нудејќи им на навивачите колекционерски производи чија цена значително ја надминува онаа на стандардната спортска опрема.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.