Хрватскиот фудбалер Лука Модриќ во опширно интервју за шпанскиот спортски весник „Марка“ отворено зборуваше за својата кариера, емотивната разделба со Реал Мадрид, новиот предизвик во Милан и постојаните дебати за неговата возраст.
Иако влегува во петнаесеттата последователна сезона како еден од лидерите во европскиот фудбал, Модриќ истакна дека приказните за неговите години траат уште од 2019 година.
„Таа приказна започна уште по Светското првенство кога имав 33 години. Потоа освоив уште две титули во Лигата на шампионите, стигнав до третото место на Мундијалот и играв можеби најдобар фудбал во мојата кариера. Не треба да се гледа пасошот, туку она што го покажуваш на теренот. За мене годините се само бројка. Сè додека се чувствувам добро физически и ментално и додека уживам, ќе продолжам да играм. Телото самото ќе ми каже кога е време за крај“, порача Модриќ.
Сеќавајќи се на разделбата од Реал Мадрид по повеќе од една деценија помината на „Сантијаго Бернабеу“, тој со голема гордост зборуваше за статусот на најтрофеен играч во историјата на мадридскиот гигант. Притоа, ја истакна и клучната улога на Жозе Мурињо за неговиот трансфер од Тотенхем.
„Мојот единствен сон како дете беше да дебитирам за репрезентацијата на Хрватска. Да ми дадеше некој хартија да напишам што сè ќе остварам, ќе се плашев тоа да го ставам на лист. Мурињо беше најважниот фактор за моето пристигнување во Реал. Тој направи сè што беше во негова моќ за да ме доведе и засекогаш ќе му бидам благодарен за тоа“, изјави хрватскиот играч за врска.
Како нов адут на италијанскиот Милан, Модриќ истакна дека клубот со таква историја мора секоја година да игра во елитното друштво. Негова главна цел за оваа сезона е да им помогне на помладите соиграчи и со заеднички сили да го вратат тимот во Лигата на шампионите.

