Лука Дончиќ одигра уште еден маестрален натпревар и ги предводеше Лос Анџелес Лејкерс до победа од 131:125 против Торонто Рапторс, во меч во кој домаќините за малку ќе испуштеа огромна предност. Лејкерси во еден момент имаа позитива од дури 26 поени разлика, но резервистите на гостинот приредија неочекувана драма во завршницата, принудувајќи го тренерот Џеј-Џеј Редик во финишот да ги врати сите стартери на паркетот за да го заштитат триумфот.
Словенечкиот ас го заврши мечот со застрашувачки ефект од 45 поени, 15 скокови, 6 асистенции и 5 украдени топки, погодувајќи осум тројки и сите 13 слободни фрлања. Огромна поддршка имаше од Вокер Кеслер, кој без промашување од игра и од линијата за пенали запиша 16 поени, 15 скокови и три блокади. Торонто ја доби последната четвртина со 43:27 благодарение на Џејмисон Бетл, кој постигна 15 од своите 20 поени токму во последниот период и се доближи на само 125:120 на помалку од една минута до крајот. Сепак, Дончиќ со асистенција за забивањето на Кеслер и четири завршни слободни фрлања ги стави сите работи на свое место.
Во останатите натпревари од вечерта во НБА лигата, Бостон славеше на гостувањето кај Орландо со 108:97, Бруклин ја совлада Индијана со 98:90, додека Голден Стејт на домашен терен беше подобар од ЛА Клиперс со 124:112.

