Словенечката кошаркарска ѕвезда Лука Дончиќ летово ќе биде домаќин на своите соиграчи од Лос Анџелес Лејкерс, кои во август ќе допатуваат во Словенија на четиридневни подготовки за сезоната 2026/27.
Според информациите на инсајдерот на ЕСПН, Дејв Мекменамин, Дончиќ ќе го угости целиот тим на Лејкерс во својата татковина. Програмата предвидува кошаркарски тренинзи и тактичка подготовка, но и вонтеренски активности како обиколка на Љубљана и играње голф, со цел да се изгради подобра хемија во соблекувалната.
Доаѓањето на еден од најпопуларните НБА тимови во Словенија е уште еден доказ за лидерскиот статус што Дончиќ го ужива во Лос Анџелес. Словенечкиот ас брзо се наметна како централна фигура околу која организацијата ја гради својата иднина.
За Лејкерс претстојната сезона е од исклучително значење, па градењето на тимскиот дух уште во текот на летото се смета за еден од клучните чекори во борбата за највисок пласман.

