Поранешната португалска ѕвезда Луис Фиго отворено побара Џани Инфантино да се повлече од функцијата претседател на ФИФА, приклучувајќи се кон растечкиот број критичари на првиот човек на светскиот фудбал. Според Фиго, Инфантино ја нарушил довербата во организацијата и ја злоупотребил позицијата што ја извршува, поради што повеќе нема кредибилитет да ја води ФИФА.
Неговата реакција доаѓа по големите критики околу контроверзниот предлог за продажба на удел од Светското првенство, кој предизвика силен отпор кај УЕФА и голем број национални федерации. Иако спорната идеја во меѓувреме беше повлечена, притисокот врз Инфантино не стивнува.
„Не е предоцна да се спаси фудбалот. Инфантино треба веднаш да си замине“, порача Фиго, оценувајќи дека актуелниот претседател ја изгубил поддршката од луѓето во фудбалот. Во меѓувреме, сè погласни се шпекулациите дека УЕФА разгледува и правни чекори, а иднината на Инфантино на чело на ФИФА станува сè понеизвесна.

