Луис Енрике ја продолжи соработката со Пари Сен Жермен и стави потпис на нов договор со кој ќе остане на клупата на европскиот шампион до 2030 година. Претходниот договор на шпанскиот стратег истекуваше на крајот од сезоната. Покрај тренерот, ПСЖ ги продолжи договорите и со петмина важни фудбалери – Жоао Невеш, Фабиан Руис, Вилиан Пачо, Лукас Бералдо и Сени Мајулу.
„Тие го претставуваат сегашето и иднината на проектот на нашиот клуб. Заедно сакаме да градиме долгорочно и да продолжиме да пишуваме историја со која нашите навивачи ќе се гордеат“, изјави претседателот Насер Ал-Хелаифи.
Луис Енрике, пак, не криеше задоволство од продолжувањето на соработката.
„Ова е првпат во кариерата да останам повеќе од три години во еден клуб. Сега сум уште помотивиран отколку во првата година тука. Исклучително сум среќен и се надевам дека ќе бидам на нивото на очекувањата“, порача 56-годишниот тренер.
Шпанецот пристигна во Париз во летото 2023 година, а под негово водство ПСЖ освои три титули во Франција и две Куп-титули, како и две последователни титули во Лигата на шампионите. Иако продолжувањето на договорот беше објавено пред натпреварот со Монако, ПСЖ загуби со 1-2 и по три кола во новата сезона сè уште нема победа.

