Црвена Звезда доживеа болен пораз на гостувањето кај Лугано, откако и покрај водството од 2:1 во завршницата, дозволи швајцарскиот тим да направи целосен пресврт и да слави со 3:2. Српскиот шампион долго време изгледаше како подобар противник, но повторно скапо ги плати грешките во одбраната. Домаќините први поведоа преку Ајети, по грешка на Стефан Гудељ, но Црвена звезда брзо возврати. Во 32. минута, по одличната акција на Василије Костов, Тими Макс Елшник погоди за 1:1.
Во продолжението белградскиот тим продолжи да создава шанси, а притисокот беше крунисан во 68. минута. Раде Круниќ со силен удар ја затресе мрежата по асистенцијата на Чам и донесе водство од 2:1 за гостите. Се чинеше дека трите бода ќе заминат за Белград, но завршницата донесе целосен пресврт. Монкада го израмни резултатот по нови грешки во одбраната на Звезда, а во 89. минута судијата досуди пенал по прекршокот на Баџо во шеснаесетникот. Гргиќ беше сигурен од белата точка и му донесе победа на Лугано од 3:2.
За Црвена звезда ова е ново европско разочарување, особено поради начинот на кој го испушти веќе освоениот триумф. Белграѓани немаат многу време за анализа, бидејќи веќе следната недела ги очекува дуелот со Копенхаген, на кој ќе мора да одговорат со победа.

