ПАОК славеше со 2:1 против Ираклис во возбудливото солунско дерби на „Тумба“, откако до победата стигна со гол во судиското продолжение. Домашниот состав имаше повеќе од играта во првото полувреме, но не успеа да ја претвори иницијативата во водство, па на паузата резултатот остана 0:0.
Ираклис приреди изненадување во 49. минута, кога Педро Маркес ја искористи својата шанса и ги доведе гостите во предност. ПАОК тргна во потрага по израмнување, а напорите му се исплатија во 62. минута, кога Банза со удар со глава ја затресе мрежата за 1:1. Продолжението донесе вистинска драма, со поништени голови и интервенции на ВАР што дополнително ја зголемија неизвесноста.
Ираклис постигна уште два гола, но погодоците не беа признати по прегледувањето на спорните ситуации. Во 76. минута беше поништена и одлуката за досуден пенал за ПАОК поради офсајд во претходната акција. Гостите дополнително беа ослабени во финишот, откако Роче доби втор жолт картон и мораше да го напушти теренот.
Кога се чинеше дека дербито ќе заврши без победник, Михаилидис во 91. минута погоди со глава по слободниот удар на Живковиќ и донесе голема радост за домашните навивачи. Ираклис сепак имаше можност повторно да се врати во натпреварот, но голманот Монастирлис со одлична интервенција во судиското продолжение ја зачува победата на ПАОК.

