Меѓународен фудбал Фудбал

Лудило на „Олимпико“: Рома за четири минути направи пресврт против Аталанта (ВИДЕО)

Неверојатна завршница го одбележа дербито од третото коло во Серија А на „Олимпико“, каде што екипата на Рома со чудесен пресврт во самите финални минути ја совлада Аталанта со 2:1 и го сочува максималниот учинок во новата сезона. Римската „волчица“ се наоѓаше во резултатска негатива сè до 89. минута, а потоа следуваше четириминутна ерупција на трибините.

Избраниците на Џан Пјеро Гасперини диктираа страшен ритам, доминираа во текот на целиот меч и упатија дури 39 удари кон противничкиот гол, но реализацијата долго време беше нивниот најголем проблем. Казната за пропуштените шанси пристигна во 47. минута, кога Едерсон одлично се снајде по една одбиена топка и донесе водство за Аталанта од 0:1.

Сепак, офанзивниот притисок на домаќините конечно се исплатеше во самата завршница. Најпрво во 89. минута, по корнерот што го изведе Матијас Суле, Марио Ермосо беше највисок во скокот и со глава израмни на 1:1. Целосниот деликтес за домашната публика се случи во третата минута од судиското надополнување, кога Пауло Дибала го пронајде Суле во казнетиот простор, а младиот Аргентинец погоди за 2:1 и донесе голема победа.

Со овој триумф, Рома го презеде врвот на табелата во Серија А со максимални девет бода и импресивна гол-разлика од 10:1 по првите три кола, додека Аталанта го претрпе првиот пораз во шампионатот и останува на шест освоени бода.

За тимот од Бергамо во почетниот состав се најде и нашиот репрезетативец Елиф Елмас, но беше заменет во 66. минута.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.