Петтото коло во Евролигата донесе огромна драма, спектакуларни завршници и неколку застрашувачки изданија на фаворитите низ паркетите на европскиот континент.
Вистински трилер се одигра во Лион, каде што Црвена Звезда дојде до својот трет последователен триумф совладувајќи го Асвел со 84:82. Одлуката падна во последната секунда, кога Крис Џонс презеде одговорност и погоди со звукот на сирената за голема победа на гостите. Чима Монеке со 18 и Џордан Нвора со 17 поени беа најрасположени кај белграѓани, додека кај домашните Гач постигна 19 поени.
Ништо помалку драматично не беше и во Барселона, каде што Каталонците го совладаа Макаби Тел Авив со 90:87. Иако Лундберг со три слободни фрлања донесе израмнување на 19 секунди пред крајот, Џастин Робинсон на една секунда до истекот на времето погоди тројка за победа на Барса. Пантер со 17 поени го предводеше победничкиот состав.
Панатинаикос одигра супериорно во „Белградска Арена“ и го совлада Партизан со убедливи 72:55. Избраниците на Жељко Обрадовиќ комплетно го контролираа скокот и дефанзивниот рекет, лишувајќи го домаќинот од каква било напаѓачка разновидност. Најџел Хејс-Дејвис со 14 поени и Хуанчо Ернандгомез со 10 беа први имиња кај грчкиот гигант, додека кај Партизан само Хејс со 10 поени беше двоцифрен.
Реал Мадрид, пак, дефинитивно го остави лошиот старт (0-3) зад себе. По победата над Партизан, „кралевите“ ја запишаа и првата гостинска победа совладувајќи го Армани во Милано со 98:89. Клучната разлика Мадриѓаните ја направија во втората и третата четвртина каде отидоа и на највисоки +22 (77:55), по што искусно го приведоа мечот до крај.
Екипата на Дубаи го запиша својот трет триумф во дебитантската сезона по одличната игра во второто полувреме на гостувањето кај Басконија со93:79. Филип Петрушев одигра одличен меч за победниците постигнувајќи 17 поени, додека Кабенгеле додаде 16.
На домашен терен продолжи доминацијата на Фенербахче. Шарунас Јасикевичиус и неговите избраници го совладаа Жалгирис со високи 99:80 и ја запишаа четвртата победа од исто толку мечеви пред своите навивачи, решавајќи ги сите дилеми околу победникот уште во текот на првото полувреме.

