Меѓународен фудбал Фудбал

Лучијано Моџи распали по Јувентус и Спалети!

Понижувачкиот пораз од Лацио (0-3) на домашен терен предизвика нов бран критики кон Јувентус, а меѓу најострите беше поранешниот генерален директор на клубот, Лучијано Моџи. Тој смета дека проблемите на торинскиот гигант се многу подлабоки од лошата игра и директно го посочи тренерското прашање како клучен проблем.

„Не би рекол дека тимот играше лошо. Би рекол дека воопшто не играше. Бесмислено е да се зборува за нивната игра, бидејќи едноставно не излегоа на теренот“, изјави Моџи за ТМВ, дополнувајќи дека на Јувентус му недостасува вистински тренер.

Лацио ја искористи слабата претстава на домаќините и со головите на Оливер Провстгор, Густав Исаксен и Фисајо Деле-Баширу стигна до убедлив триумф во Торино. Навивачите го испратија својот тим со свирежи, а незадоволството дополнително се зголеми по острите изјави на капитенот Глејсон Бремер и тренерот Лучијано Спалети.

Моџи не го поштеди ниту бразилскиот дефанзивец, посочувајќи ја неговата реакција при третиот примен гол како сериозна грешка. Во меѓувреме, Спалети призна дека не е сигурен дали неговите фудбалери ги спроведуваат замислите од тренинзите, што дополнително ги засили сомнежите околу атмосферата во соблекувалната.

„Кога ќе се стигне до вакви признанија, повредите не можат да послужат како никакво оправдување“, порача Моџи.

Поранешниот директор не сакаше да прогнозира дали позицијата на Спалети е загрозена, но неговите коментари јасно покажуваат колку сериозно ја гледа кризата во клубот. Како главни кандидати за Скудетото ги издвои Интер и Рома, со предност за миланскиот тим поради поголемата компактност и организација.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.