Кошаркарите на МЗТ Скопје претрпеа пораз од АЕК Ларнака со 69-85 во четвртото коло од ФИБА Европа купот. Македонскиот претставник имаше добри моменти во првото полувреме, но падот во продолжението му овозможи на гостинскиот состав да стигне до убедлив триумф во „Јане Сандански“. Скопјани го отворија натпреварот на посакуваниот начин и со серија од 7-0 најавија дека ќе се обидат да ја искористат домашната предност. Сепак, АЕК брзо одговори, ги искористи грешките на противникот и уште во првата четвртина успеа да го преземе водството. По десет минути игра, резултатот гласеше 20-23.
Избраниците на Васко Атанасов продолжија да бараат начин за пресврт и во вториот период. МЗТ успеа да се врати во игра, па дури и да поведе со три поени разлика, но гостите повторно ја презедоа иницијативата во завршницата на полувремето. АЕК ја искористи подобрата реализација и на одмор замина со предност од 42-49. Клучниот период од средбата се покажа како особено тежок за аеродромци. АЕК го започна второто полувреме со серија од 13-5, со која се одлепи на двоцифрена разлика и направи значаен исчекор кон победата. МЗТ немаше соодветен одговор на налетот на гостите, а отсуството на Дамјан Стојановски и Димитрије Николиќ дополнително ја отежна задачата на домашниот тим.
Во последната четвртина, АЕК рутински ја одржуваше стекнатата предност и не му дозволи на МЗТ да се врати во натпреварот. Скопскиот состав на крајот мораше да се помири со пораз од 69-85, четврти за него во групата Е од натпреварувањето. Мајлс Тејт беше најефикасен во победничкиот тим со 22 поени, додека кај МЗТ Скопје најдобар стрелец беше Емир Крајиниќ со 17 поени. Ноа Фарахан го заврши натпреварот со уште 14 поени за домашниот состав.

