Големите очекувања дека претстојното Светско првенство во фудбал ќе донесе рекорден профит и вистински „елдорадо“ за американскиот туризам, полека се претвораат во сериозна загриженост. Наместо преполни капацитети, хотелиерите ширум Соединетите Американски Држави се соочуваат со неочекувано слаб интерес, а главниот виновник за овој дебакл го гледаат во Светската фудбалска асоцијација (ФИФА).
Најновиот извештај на Американската асоцијација на хотели и сместувачки капацитети (AHLA), која застапува дури 80 отсто од пазарот во САД, открива алармантни податоци: бројот на резервации во речиси сите градови-домаќини е далеку под првичните проекции. Хотелиерите се збунети бидејќи реалната состојба на теренот воопшто не се совпаѓа со помпезните најави на ФИФА за продадени дури пет милиони влезници.
Фантомски резервации и вештачки надуени цени
Документот директно ја посочува ФИФА како креатор на хаосот на пазарот. Имено, светската куќа на фудбалот првично блокираше огромен број соби за сопствени потреби, со што создаде лажна слика за огромна побарувачка. Ова вештачки ги крена цените на сместувањето во небеса.
Проблемот настана кога ФИФА реши да се откаже од резервациите во последен момент. Во градови како Бостон, Далас, Лос Анџелес, Филаделфија и Сиетл, куќата на фудбалот откажа дури до 70% од претходно заквирените соби, оставајќи ги хотелите празни во пресрет на првенството.
Скапи билети, скап превоз и политика
Покрај лошите потези на ФИФА, бизнис-секторот нотира и други фактори кои ги одвратија навивачите. Комбинацијата од екстремно скапите влезници за натпреварите, високите трошоци за внатрешен транспорт во САД, како и моменталната нестабилна политичка клима, натераа многумина фанови да се откажат од патувањето преку Океанот.
За американскиот синџир на хотели ова е тежок удар. Локалните бизниси со години инвестираа милиони долари за модернизација и подготовка на капацитетите, потпирајќи се на математиките за сигурна заработка. Сега, кога Мундијалот е пред врата, тие инвестиции се сериозно загрозени, а очекуваниот профит лесно може да се претвори во чиста загуба.

