Пари Сен Жермен ја прослави големата победа над Барселона, но триумфот го засенија повредите на тројца важни првотимци. Најголема загриженост предизвикува состојбата на Квича Кварацхелија, кај кого постои сомнеж за сериозна повреда на коленото. Грузискиот офанзивец се повреди по еден дуел и не можеше самостојно да го напушти теренот. Првичните проценки упатуваат на можност за оштетување на вкрстените лигаменти, што би можело да значи пауза и до девет месеци.
„Ако се утврди полошата варијанта, кинење на вкрстените лигаменти, тоа би значело и пауза до девет месеци“, предупреди шпанскиот физиотерапевт Анхел Вилануева.
Покрај Кварацхелија, мускулни повреди имаат и Маркињос и Усман Дембеле, но нивното отсуство не се очекува да биде толку долго. Конечната дијагноза за Грузиецот ќе биде позната по деталните лекарски прегледи. Дотогаш, во Париз остануваат во неизвесност за состојбата на еден од своите најважни офанзивци.

