Лука Дончиќ поради повреда го пропушти крајот на регуларниот дел од сезоната и четвртфиналната серија против Хјустон, но се очекуваше дека во случај Лејкерс да пројде понатаму, тој би се вратил за полуфиналната серија против Оклахома Сити. Но последните прогнози, како што пренесува Шемс Чараниа, новинарот на ЕСПН, не се позитивни, а Лука не е сеуште ни близу до враќање на паркетот.
„Опоравувањето на Лука Дончиќ тече многу споро. Се очекува дека, во случај да Лејкерс го совлада Хјустон и се пласира понатаму, Дончиќ ќе отсуствува и во текот на наредната серија. За сега не постои прецизен временски период за негово враќање на теренот.“ – напиша новинарот на ЕСПН
Лејкерс води во серијата против Хјустон со 3-1 и е на само една победа од пласман во полуфиналната фаза каде ги чека актуелниот шампион и прв фаворит за освојување на трофејот сезонава, Оклахома Сити. Досега Леброн Џејмс успешно го предводеше тимот во Плеј-оф фазата, а се чини дека ако Лејкерс се пласира во следната фаза, тој пак ќе мора да ја преземе улогата на лидер и главен двигател на тимот.

