Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски и неговата Валенсија претрпеа пораз на домашен терен од Реал Бетис со 0-1, во заостанатиот натпревар од 1. коло во шпанската Ла Лига. Со овој триумф екипата на Мануел Пелегрини дојде до максимални шест бода од првите два меча во новата сезона, додека за Валенсија ова беше прв пораз во шампионатот по почетното реми со Селта Виго.
Првото полувреме на „Местаља“ помина во доста мирен ритам и без поголеми возбудувања. Иако гостите од Севиља имаа поголем посед на топката, им требаше повеќе од еден час за да го упатат првиот удар во рамките од голот на Димитриевски. Одлуката падна во 83-тата минута кога по еден брз противнапад по левата страна, Фран Гарсија испрати одличен центаршут, а резервистот Пабло Гарсија од прва ја испрати топката во мрежата за конечни 0-1 и втора минимална победа за Бетис сезонава.

