Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Лопетеги конечно го дочека својот мундијалски деби настап!

Судбината сакаше предвидувањата и симболиката да се спојат токму на 13 јуни. Точно осум години откако беше брутално сменет од клупата на шпанската репрезентација, на само неколку дена пред почетокот на Светското првенство во Русија, Хулен Лопетеги вечерва конечно ќе дебитира на еден Мундијал, предводејќи го Катар во дуелот против Швајцарија.

Малкумина тренери во историјата поминале низ толку турбулентен пат, од сигурен кормилар на еден од главните фаворити за светскиот трон, до шокантен отказ во пресрет на најголемиот фудбалски собир. Во 2018 година, Лопетеги остана без својот сон откако тогашната федерација му пресуди поради потпишаниот договор со Реал Мадрид. Осум години подоцна, фудбалот му ја враќа шансата што тогаш му беше одземена.

Шпанскиот стратег ја презеде клупата на Катар во мај 2025 година и направи голем успех со тоа што ја однесе оваа азиска селекција на Светското првенство преку регуларни квалификации, за разлика од 2022 година кога учествуваа автоматски како домаќини. Под негова палка, Катар се обидува да игра организиран фудбал со контрола на ритмот и акцент на поседот, иако самиот Лопетеги призна дека мораше ја прилагоди својата препознатлива филозофија на карактеристиките на играчите со кои располага.

Затоа, вечерашниот натпревар против Швајцарија е многу повеќе од обично прво коло во групната фаза. За Лопетеги ова е огромна лична сатисфакција и доказ дека во спортот секогаш доаѓа време за втора шанса.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.