Меѓународен фудбал Фудбал

Лоботка стрелец за прекин на кризата, Наполи минимално ја совлада Болоња (ВИДЕО)

Наполи конечно стави крај на серијата порази, откако на домашен терен со 1-0 ја совлада Болоња во натпревар од Серија А. Човек на одлуката беше Станислав Лоботка, кој го постигна единствениот гол и му донесе важни три бода на својот тим. „Партенопеите“ влегоа во натпреварот под голем притисок по трите последователни порази од Комо, Интер и Арсенал. Дополнителен проблем за тимот на Масимилијано Алегри беа и бројните повреди, поради кои составот беше значително ослабен.

Наполи од самиот почеток ја презеде иницијативата, а првата сериозна шанса ја имаше Антонио Вергара, кој не успеа да го совлада голманот на гостите. Болоња кратко потоа постигна гол преку Артур Теате, но погодокот беше поништен поради офсајд. Домашните продолжија да притискаат, а најблиску до водство беа Кевин Де Брујне и Расмус Хојлунд. Данскиот напаѓач во еден момент со глава ја испрати топката за малку покрај голот.

По паузата, Алегри направи промени во составот, а влегувањето на Ноа Ланг и Костантино Фавасули внесе дополнителна енергија во играта на Наполи. Токму Фавасули беше директно вклучен во акцијата за единствениот гол. Во 66. минута Фавасули одлично проби по левата страна и испрати повратна топка во казнениот простор. Лоботка се најде на вистинското место и со прецизен удар од непосредна близина ја затресе мрежата на Болоња за 1-0.

Гостите до крајот се обидоа да стигнат до израмнување, но Наполи успеа да ја сочува предноста. Болоња во самиот финиш имаше неколку обиди, но ниту Самуел Мбангула ниту Енем не успеаја сериозно да го загрозат голот на Милинковиќ-Савиќ. Со оваа победа Наполи барем привремено ја запре негативната серија, додека проблемите за Болоња продолжуваат. Тимот има само еден освоен бод по четири одиграни кола, а особено загрижува фактот што не успеа да постигне гол на три од четирите натпревари. За Наполи, пак, минималниот триумф може да биде важен чекор кон излез од кризата и враќање на самодовербата.

 

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.