Меѓународен фудбал Фудбал

Ливерпул по 17 години го менува генералниот спонзор на дресот

Ливерпул ќе има голема промена на своите дресови од летото 2027 година, откако англискиот гигант постигна петгодишен договор со „Туркиш ерлајнс“. Новото партнерство ќе стапи на сила на 1 јуни 2027 година и ќе означи крај на една долга ера. Имено, „Туркиш ерлајнс“ ќе го замени „Стандард Чартерд“ на предната страна од дресот, со што Ливерпул за првпат по 2010 година ќе има нов генерален спонзор на својата опрема. Соработката со финансиската компанија трае речиси две децении и прерасна во една од најпрепознатливите комерцијални партнерства во клубот.

Според информациите на британските медиуми, договорот со турската авиокомпанија ќе му донесе на Ливерпул околу 300 милиони фунти во период од пет години. Со тоа „црвените“ би добивале сума споредлива со онаа која Манчестер Јунајтед ја заработува од своето партнерство со технолошкиот гигант „Квалком“.

Од „Ливерпул“ со посебно внимание го истакнаа значењето на просторот на предната страна од дресот, кој низ годините стана важен дел од визуелниот идентитет на клубот.

„Предната страна на дресот има посебно место во историјата на нашиот клуб. Туркиш ерлајнс е глобално препознатлив бренд со огромна мрежа и со нетрпение го очекуваме почетокот на партнерството. Се надеваме дека ќе изградиме силна врска, потсетувајќи се и на спомените од освојувањето на Лигата на шампионите во 2005 година“, изјави комерцијалниот директор на Ливерпул, Бен Лати.

Новото партнерство дополнително добива на тежина поради позицијата на „Туркиш ерлајнс“ во европскиот фудбал. Турската авиокомпанија е официјален партнер на Лигата на шампионите, а истовремено е и главен спонзор на фудбалската репрезентација на Турција.

За Ливерпул ова претставува еден од најзначајните комерцијални потези во последните години, додека за „Туркиш ерлајнс“ договорот со еден од најпознатите англиски клубови претставува уште поголема глобална промоција.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.