Легендата на хрватскиот ракомет, но и пошироко, Лино Червар, официјално го превзема кормилото на Е. Пелистер. 75 годишниот искусен стратег во наредните неколку дена официјално ќе биде промовиран во Битола. Зелено-белите на своите клубски канали објавија дека е постигнат договор за соработка.
Червар е познат на македонската јавност, тој беше на чело на тимот кој веќе не постои, Металург Автокоманда, во периодот од 2009 до 2017, каде со многу успех и трофеи доминираше во македонското првенство. Исто така, беше селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија.
Од таборот на пелистерци изјавија:
„Не треба да се трошат зборови за тренерската кариера на стручњакот од Умаг. Беше селектор на Италија, Хрватска и Македонија, ги водеше Загреб и Металург, ги освои скоро сите титули со националниот тим на својата земја… Червар во Македонија направи големи работи со Металург и македонската репрезентација, афирмираше многу ракометари, освојуваше титули, а и создаваше зрели личности од своите млади момци. Чувствуваме дека ова е вистински момент проектот да му биде доверен на Лино Червар, а со тоа Еурофарм Пелистер да се издигне на уште повисоко ниво од годините на трите шампионски титули и учеството во Лигата на шампионите“ велат од Битола.

