Македонскиот спорт доби уште една страница за паметење. Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, испиша историја со пласманот на главниот турнир на Вимблдон, станувајќи првата македонска тенисерка што обезбедила место во главниот жреб на еден Грен слем турнир. До овој успех стигна преку три победи во квалификациите, а во решавачкиот меч убедливо ја совлада Италијанката, Лучија Бронзети со 6-1, 6-2. По години исполнети со напорна работа, повреди, разочарувања и нови почетоци, Ѓорческа конечно го оствари сонот што долго го следеше… настап на најпрестижниот тениски турнир во светот, кој ќе го има утре во 12:00 часот против Аманда Анисимова, која е шеста во светот.
Во ексклузивен разговор за www.sportei.mk, Лина открива како го доживеала историскиот момент, што значи Вимблдон за неа, колку тежок бил патот до овој успех и зошто најмногу би сакала нејзината приказна да ги инспирира младите спортисти во Македонија.
Лина признава дека уште по победата во второто квалификациско коло била свесна колку е блиску до нешто што никогаш претходно не му успеало на женски македонски тенисер. Но, како што вели, немало многу време за еуфорија…
„Свесна бев за значењето на мечот уште по победата во второто коло. Еуфоријата кратко траеше, бидејќи сега фокусот е на главниот турнир.“
За секој тенисер, Вимблдон претставува повеќе од обичен турнир. За Ѓорческа, остварувањето на сонот токму на тревата во Лондон му дава уште поголема тежина…
„Вимблдон за сите нас значи многу. Тоа е најпрестижниот турнир во светот и токму затоа овој резултат има посебна вредност. Среќна сум што целта, да играм на главен турнир на еден Грен слем, се оствари токму тука.“
До ова достигнување, сепак, не водел лесен пат. Зад историскиот успех стојат години исполнети со повреди, долги паузи и моменти кога сонот изгледал далеку…
„Секој тенисер сонува да настапува на Грен слем турнирите, бидејќи тоа е врвот во нашиот спорт. Имаше години кога бев блиску, но не успевав да ја поминам последната пречка. И оваа година донесе многу тешки моменти, повреди и подолги отсуства, и од тренажниот и од натпреварувачкиот процес. Тоа е најтешкиот дел за еден спортист, кога не е во можност да го прави тоа што најмногу го сака.“
Историскиот пласман, според неа, не е само личен успех. Таа искрено верува дека ваквите резултати можат да остават трага и врз иднината на македонскиот тенис…
„Искрено се надевам дека мојата приказна ќе инспирира млади деца да почнат да тренираат тенис или доколку веќе се занимаваат со некој спорт, да продолжат да веруваат во своите цели. Никогаш не знаете кога ќе се остварат најголемите соништа. Ако моите резултати придонесат повеќе деца да изберат тенис или спорт воопшто, јас ќе бидам најсреќна. Се надевам дека овој момент ќе помогне тенисот да стане попопуларен во Македонија, бидејќи во моментов не е на нивото што го заслужува.“
А зад секој голем успех, како што вели Лина, стојат луѓе кои ретко се гледаат на теренот, но секојдневно ја носат тежината на патот кон врвот…
„Без никакво двоумење, овој успех им го посветувам на моето семејство и на мојот тим. Тие беа покрај мене во сите овие години… и кога се радувавме на победите, но уште повеќе кога беше најтешко. Без нивната поддршка, ова немаше да биде возможно.“
Историјата веќе е испишана. Но, ако се суди според зборовите и решителноста на Лина Ѓорческа, ова можеби е само почеток на едно ново поглавје, не само во нејзината кариера, туку и во приказната на македонскиот тенис!

