Успешен почеток на турнирот во Анталија имаше најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа, која без поголеми проблеми ја мина првата пречка на Челинџерот во турскиот град. Ѓорческа во воведното коло ја совлада српската тенисерка Миа Ристиќ со убедливи 2-0 во сетови. Македонката одигра сигурен меч и за еден час и 26 минути ја обезбеди победата со 6-1 и 6-3.
Во првиот сет Ѓорческа доминираше на теренот и за само 39 минути стигна до убедливи 6-1. Во вториот сет Ристиќ пружи нешто поголем отпор, но македонската тенисерка остана концентрирана и по 47 минути игра го затвори сетот со 6-3 за пласман во следната рунда. За разлика од Ѓорческа, Олег Приходко не успеа да го започне својот настап со победа. Македонскиот тенисер беше елиминиран во првото квалификациско коло на Челинџерот во австриски Тулн. Приходко по еден час и 31 минута игра загуби од Чехот Даниел Синиаков со 0-2 во сетови. Синиаков го доби првиот сет со 6-2, додека во вториот беше подобар со 6-4 и со тоа го заврши настапот на македонскиот тенисер во квалификациите.

