Возачот на Ферари, Шарл Леклер, е победник на трката за Големата награда на Велика Британија по вистинска драма во финишот на култната патека Силверстон. Второто место му припадна на Џорџ Расел, додека како трет низ целта помина Луис Хамилтон. Во топ 10 зад нив се пласираа Норис, Хаџар, Лосон, Линдблад, Бортолето, Колапинто и Гасли.
Трката почна фуриозно за Леклер, кој уште на самиот старт ја искористи слабата реакција на сопственикот на пол-позицијата, Кими Антонели, и го презеде водството. Младиот Италијанец веднаш загуби позиција и од Хамилтон, кој подоцна заработи казна од пет секунди поради предвремен старт. Иако Антонели успеа да се врати во ритам, па дури и привремено да поведе при стратегијата со гумите, неговиот викенд целосно се урна во 41. круг. Поради оштетување на болидот и предното крило, тој мораше непланирано во бокс, што го фрли на крајното и разочарувачко 16. место.
Точка на возбудувањата беше ставена во 46. круг кога Макс Верстапен заврши во песокот кај кривината „Стоу“. На патеката излезе безбедносното возило, под кое трката практично и заврши бидејќи дирекцијата не дозволи нов рестарт. И покрај овој неуспех, Антонели останува лидер во генералниот пласман со 179 бодови, пред Расел со 154 и Хамилтон со 147 бодови. Кај конструкторите на чело е Мерцедес со 333 бодови, а следниот Формула 1 викенд се вози во Белгија на 19 јули.

