Кошарка Меѓународна кошарка

Лејкерси со голем пресврт до чекор од полуфиналето

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс се наоѓаат пред пласман во следната рунда од Западната конференција, откако во неверојатен натпревар славеа на гостински терен против Хјустон Рокетс со 112-108. Со овој триумф остварен по дополнителни пет минути игра, тимот од Лос Анџелес поведе со убедливи 3-0 во серијата. Интересно е што двата тима настапија ослабени, домаќините беа без Кевин Дурант, додека кај гостите отсуствуваше Лука Дончиќ.

Натпреварот изгледаше решен во корист на Хјустон кога на само 30 секунди пред крајот на регуларниот дел имаа предност од 101-95. Сепак, тогаш на сцена стапи искуството на гостинските играчи, Маркус Смарт беше непогрешлив од линијата за слободни фрлања, а Леброн Џејмс со прецизна тројка на 13 секунди до сирената избори продолжение. Во дополнителниот период, токму Смарт со нов погодок од дистанца го отвори патот кон победата, која Лејкерси ја сочуваа со паметна игра во финишот.

Статистички, кај победниците блесна Леброн Џејмс со дабл-дабл учинок од 29 поени и 13 скокови, додека Руи Хачимура придонесе со значајни 22 поени. Клучна улога одигра и Маркус Смарт, кој покрај важните кошеви во финишот, забележа 21 поен и 10 асистенции. Кај Хјустон, најефикасен беше Алперен Шенгун со моќни 33 поени и 16 скокови, но неговиот индивидуален учинок не беше доволен да се спречи третиот пораз по ред во оваа серија.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести