Кошарка Меѓународна кошарка

Лејкерси конечно го трејдуваа Деандре Ејтон

Лос Анџелес Лејкерси конечно најдоа начин да се ослободат од Деандре Ејтон и го трејдуваа поранешниот прв пик на драфтот во редовите на Вашингтон Визардс. Во спротивен правец, „езерџиите“ го добија бекот Џејден Харди, како и два пика од втората рунда за драфтовите во 2031 и 2032 година. Генералниот менаџер Роб Пелинка заврши одлична работа во преодниот рок, особено по претходното ангажирање на центрите Вокер Кеслер и Сандро Мамукелашвили, со што позицијата под кошот е целосно обезбедена.

Центарот од Бахамите минатата сезона имаше просек од 12,5 поени и осум скокови, но неговата статистика беше само маска за честите дупки во одбраната и незаинтересираноста на теренот. Ваквиот однос кон играта постојано го вадеше од такт тренерот Џеј-Џеј Редик, па неговото заминување донесе огромно олеснување во стручниот штаб. Во Вашингтон, Ејтон најверојатно ќе има улога на резерва зад младиот Алекс Сар, каде што ќе добие шанса да игра кошарка без преголем резултатски притисок.

Од друга страна, Лејкерси во Џејден Харди добиваат сериозно офанзивно оружје од клупата за новата ера на тимот без Леброн Џејмс. Поранешниот кошаркар на Далас одигра одлични натпревари за Вашингтон, каде со ограничена минутажа бележеше по 12,6 поени по меч. Харди е познат како изразит поентер со елитен шут за три поени од дури 42 отсто успешност, профил на играч кој веднаш ќе донесе нова димензија и потребна свежина во нападот на тимот од Лос Анџелес.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.