Лос Анџелес Лејкерс забележаа убедлива победа над Голден Стејт со 127:105, но во центарот на вниманието се најде Лука Дончиќ, кој уште еднаш покажа зошто важи за еден од најспектакуларните кошаркари во НБА лигата. Словенечката ѕвезда го украде шоуто со неверојатен погодок од речиси половина терен, и тоа во моментот кога истекуваше времето за игра во втората четвртина. Топката заврши во кошот, а Лејкерс на паузата заминаа со убедливо водство од 66:52.
Она што го направи потегот уште поинтересен е фактот дека за Дончиќ ваквите погодоци не се непозната територија. Неговиот прецизен шут од голема далечина повторно ги воодушеви навивачите, но самиот кошаркар не го смета за случајност.
„Знаев многу пред да ја добијам топката. Работам на тоа“, кратко објасни Дончиќ по натпреварот, откривајќи дека зад ваквите потези стои и дополнителна работа на тренинзите.
Словенецот средбата ја заврши со 28 поени, осум скока и седум асистенции. Од поле реализираше седум од 18 обиди, додека зад линијата за три поени погоди петпати од 12 шута. Лејкерс уште во првото полувреме ја презедоа контролата врз натпреварот, а спектакуларниот погодок на Дончиќ со звукот на сирената беше совршен начин за дополнително да ја зголемат предноста. Во продолжението, тимот од Лос Анџелес ја задржа контролата и на крајот стигна до убедлив триумф од 22 поени разлика.
View this post on Instagram

