Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Легендите распалија по Тухел и ѕвездите, крилата се очајни!

Англија успеа како првопласирана да обезбеди виза за нокаут-фазата на Светското првенство и доби наизглед полесен дел од костурот каде што во шеснаесетфиналето ќе ги одмери силите со селекцијата на ДР Конго. Сепак, играта на избраниците на Томас Тухел не воодушеви речиси никого на Островот. Иако запишаа победи над Панама и Хрватска, како и едно реми со Гана, „трите лава“ не покажаа убедлива игра на теренот, што веднаш ги активираше дежурните критичари и поранешни репрезентативци кои без милост удрија по актуелните ѕвезди.

Дури и секогаш умерениот Алан Ширер овој пат не издржа и јавно го покажа своето незадоволство, насочувајќи ги стрелите директно кон крилните офанзивци. Тој посочи дека Маркус Рашфорд и Букајо Сака премногу комплицирале со топката во нозете и не направиле ништо конкретно во фазата на напад. Според Ширер, првите десетина минути понудиле надеж за офанзивен фудбал со јасна намера, но потоа сè пропаднало, па целокупниот впечаток од нивниот настап е исклучително разочарувачки.

На неговите зборови се надоврза и секогаш остриот Рој Кин, кој истакна дека најдобрите поединци во тимот едноставно не се појавиле на трите натпревари на северноамериканско тло. Единствена константна и светла точка во сите три меча беше Џуд Белингем, додека останатиот дел од тимот комплетно потфрли. Кин потенцираше дека Англија несвесно дозволила да биде вовлечена во бавниот ритам на противниците и дека вистинскиот квалитет на тимот воопшто не дошол до израз.

Сепак, najбрутален во своите анализи беше Гери Невил, кој реши да не штеди никого и упати жестоки критики кон комплетниот состав. Тој нагласи дека на оваа Англија катастрофално и недостасуваат креативност, суптилност и вистинска тактичка иновативност. Невил додаде дека крилните фудбалери изгледаат очајно во последната третина од теренот и се мачат да го отворат противничкиот дефанзивен блок. Како потенцијално решение за излез од кризата, тој му предложи на Тухел радикално да ја смени тактиката и да започне да игра со двајца класични напаѓачи за конечно да ја разбуди заспаната офанзива пред клучните елиминациски битки.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.