Почесниот претседател на Баерн Минхен, Ули Хенес, упати остри критики кон актуелното Светско првенство, оценувајќи дека проширениот формат не му носи ништо добро на фудбалот.
Германецот смета дека турнирот изгубил дел од својата привлечност, а како пример ги посочи големите разлики во квалитетот меѓу репрезентациите, што резултира со еднострани натпревари како убедливата победа на Германија над Курасао.
Хенес посебно се осврна на високите цени на билетите, нагласувајќи дека фудбалот станува сè потешко достапен за обичните навивачи.
„Отсекогаш сум бил за развој и комерцијален напредок во спортот, но ова е премногу. Фудбалот не смее да се оддалечи од луѓето поради профитот“, изјави Хенес за германските медиуми.
Тој откри дека добил покана да присуствува на дел од натпреварите во САД, но немал интерес да патува на турнирот. Според него, сегашниот концепт на Светското првенство отвора повеќе прашања отколку што нуди одговори за иднината на фудбалот.

