Док Риверс стави точка на една од најдолгите и најпрепознатливи тренерски кариери во НБА-лигата. Шеесет и четиригодишниот стратег потврди дека повеќе нема да седи на клупата, со што стави крај на период долг повеќе од две децении исполнет со големи натпревари, трофеи и незаборавни моменти. Одлуката Риверс самиот ја соопшти, иако и ова лето неговото име се појавуваше меѓу потенцијалните кандидати за тренерски позиции во НБА.
Неговиот последен ангажман беше во Милвоки бакс, со кои ја заврши соработката во април годинава. Наместо нов предизвик, Риверс сега одлучи да стави конечна точка на тренерската кариера.
„Можам со сигурност да кажам дека ова е крајот. Беше долг пат, но сега сè е заокружено, особено откако на почетокот од годинава бев примен во Куќата на славните. Тоа беше најдобрата можна награда за сè што направив. Благодарен сум на сите што толку долго ми овозможија да ја работам оваа прекрасна работа“, порача Риверс.
Зад него останува импресивен тренерски биланс од 1.194 победи и 866 порази, како и работа во неколку од најпознатите франшизи во лигата. Највисоко место во неговата кариера секако зазема шампионската титула во 2008 година со Бостон. Риверс тогаш го предводеше тимот составен околу големото трио Пол Пирс, Кевин Гарнет и Реј Ален, кое го врати Бостон на шампионскиот трон по пауза од 22 години.
Покрај Бостон, Риверс беше тренер и на Орландо, Бостон, Лос Анџелес Клиперс и Филаделфија, а последната станица во неговата кариера беше Милвоки. Во текот на тренерскиот пат тој се изгради како еден од најпознатите стратези на својата генерација, а неговото место во историјата дополнително беше потврдено со приемот во Куќата на славните на НБА.
По повеќе од 25 години поминати во најсилната кошаркарска лига во светот, Риверс сега реши да го напушти тренерскиот свет со шампионски прстен, место во историјата и бројки кои сведочат за долговечноста на неговата кариера.

