Белгиската фудбалска репрезентација ќе добие нов селектор, а изборот паднал на поранешниот холандски репрезентативец Марк ван Бомел. Според информациите на белгиските медиуми, 49-годишниот стратег наскоро ќе потпише договор кој ќе важи до Европското првенство во 2028 година. Ван Бомел зад себе има богата играчка кариера, настапувајќи за Фортуна Ситард, ПСВ Ајндховен, Барселона, Баерн Минхен и Милан, а со Холандија беше финалист на Светското првенство во 2010 година.
Како тренер ги предводеше ПСВ, Волфсбург и Антверпен, каде што ја освои двојната круна во белгискиот фудбал. Од 2024 година е без тренерски ангажман, а сега е подготвен за нов предизвик на репрезентативно ниво. На клупата на Белгија ќе го наследи Французинот Руди Гарсија, кој ја напушти функцијата по настапот на „црвените ѓаволи“ на Светското првенство, каде што селекцијата стигна до четвртфиналето.

