Рафаел Леао пристигна во Галатасарај со статус на големо засилување и огромни очекувања, но почетокот на неговата турска авантура не оди според посакуваното. По убедливиот пораз од Трабзонспор со 4:0, португалскиот репрезентативец се најде под жестоки критики поради своето издание. Најмногу забелешки има за неговиот пристап и интензитетот во играта. Во анализата за „CBS Sports Golazo“, поранешниот фудбалер Мајкл Лахуд беше особено остар кон Леао, посочувајќи го токму него како пример за недоволна ангажираност.
Лахуд го доведе во прашање и односот на Леао кон обврските во новиот клуб, особено имајќи ги предвид големите очекувања што го следат португалскиот напаѓач.
„Има еден играч кој ја олицетворува недоволната страст, а тоа е Рафаел Леао. Со такво издание, особено за играч од неговиот статус, тоа е неприфатливо“, порача Лахуд.
Аналитичарот отиде чекор понатаму и го спореди Леао со 22-годишниот Ноа Савиоло, португалски репрезентативец до 21 година кој настапува за Трабзонспор.
„Ова е голем клуб, а тој изгледаше како да е на одмор. Леао беше целосно надигран од 22-годишен португалски репрезентативец до 21 година. Мора да се разбуди, бидејќи фудбалот може да биде многу немилосрден. Ова може да биде една од последните шанси да ја оживее кариерата“, додаде Лахуд.
Статистиката од натпреварот дополнително ги засили критиките. Леао ги одигра сите 90 минути, но не учествуваше директно во ниту еден гол, а според достапните податоци, топката ја загубил дури 21 пат. Уште поголем проблем за Галатасарај е фактот што Португалецот по четири официјални настапи за клубот сè уште нема ниту гол ниту асистенција. Таквиот учинок веќе предизвикува незадоволство и кај дел од навивачите на Галатасарај, кои преку социјалните мрежи ја критикуваат играта на големото засилување.
Леао сега е пред предизвикот да одговори на теренот. Од него се очекуваше да биде еден од лидерите на новиот тим, а првите натпревари во Турција покажаа дека за исполнување на тие очекувања ќе биде потребно значително подобро издание.

