Алкалоид во сабота го започнува настапот во Европскиот куп на ЕХФ, а прв противник ќе им биде австрискиот Ферлах. Македонскиот тим ќе го одигра првиот натпревар од двомечот на домашен терен, во салата „Автокоманда“, со почеток во 19:00 часот. Алкалоид веќе има позитивно искуство во ова натпреварување, откако пред две сезони го освои трофејот и стана првиот македонски клуб со таков успех. Сепак, Кирил Лазаров е свесен дека новиот европски предизвик носи сериозни барања.
„Освојувањето на европската титула со домашен ростер, за млад клуб како Алкалоид, беше одлична работа. Се радуваме на новиот предизвик и ќе имаме максимален пристап на секој натпревар. Тоа ќе го барам и од играчите. Секогаш е задоволство да се игра во Европа, а меѓународните официјални натпревари на клупско ниво носат дополнителен квалитет на тимот и посебна мотивација“, истакна Лазаров.
Ферлах пристигнува во Скопје во добра форма. По шест кола во австриското првенство има три победи и три нерешени средби, без ниту еден пораз, па Алкалоид ќе мора да пристапи максимално сериозно.
„Противникот доаѓа од држава чија национална селекција е во подем. Имаат искусни играчи со квалитетно минато. Добро се воиграни и имаат добар ракометен систем. Треба да имаме максимален респект кон Ферлах. Бидејќи се работи за елиминациски натпревар, мораме да бидеме максимално фокусирани и дисциплинирани во сите 60 минути. Очекувам тврд натпревар со многу трчање и убави потези“, нагласи тренерот на Алкалоид.
Лазаров потенцира дека европските натпревари се важни и за подигнување на натпреварувачката форма, особено по сезоната во која на тимот му недостасувале вакви предизвици.
„Нам ни се потребни меѓународни натпревари за подигнување на натпреварувачката форма. Минатата сезона ни недостасуваа токму ваков тип натпревари. По првенствениот натпревар со Струга од домашното првенство, имавме и два дена квалитетно да се подготвиме за овој дуел“, додаде Лазаров.
Натпреварот меѓу Алкалоид и Ферлах ќе се одигра во сабота (17 октомври), од 19:00 часот во салата „Автокоманда“ во Скопје.

