Македонската ракометна репрезентација доби нова опција во играчкиот ростер. Дмитро Горига и официјално ќе може да го носи дресот на Македонија, откако Светската ракометна федерација (ИХФ) му даде дозвола за настап во националниот тим. Ракометарот на унгарскиот гигант ПИК Сегед, кој веќе е добро познат на домашната ракометна јавност, беше официјално претставен на денешната прес-конференција во просториите на Ракометната федерација на Македонија. На настанот присуствуваа претседателот на РФМ, Александар Стефанов, и селекторот на сениорската репрезентација, Кирил Лазаров.
Доаѓањето на Горига отвора дополнителни можности за македонскиот стручен штаб, особено пред продолжението на квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Неговите квалитети, пред сè ударот од далечина и способноста да придонесува во двата правци, се карактеристики што можат да бидат значајни за играта на националниот тим.
Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, не го криеше задоволството од добивањето на новиот репрезентативец, посочувајќи дека се очекува тој да донесе дополнителен квалитет и искуство.
„Мислам дека добиваме еден ракометар што ќе даде тежина и голем придонес. Тој е во зенитот на својата кариера и се надеваме дека со него ќе добиеме на квалитет и ќе придонесе и тој за подобри резултати во иднина“, изјави Стефанов.
Позитивно мислење за новиот адут има и селекторот Кирил Лазаров, кој посебно ги истакна неговите ракометни карактеристики и победничкиот менталитет.
„Се работи за играч кој има шут од надвор, кој е играч во два правци, кој има победнички карактер и во последните години покажал дека секогаш прави сè за неговиот тим да победи“, истакна Лазаров.
Во меѓувреме, фокусот на македонската репрезентација останува насочен кон претстојните квалификациски дуели со Луксембург и Грција. Целта е јасна, обезбедување место на континенталниот собир во 2028 година, а од РФМ најавуваат дека националниот тим со големи амбиции ќе влезе во овие предизвици.
Селекторот Лазаров откри и дека списокот на ракометари за претстојните обврски ќе биде објавен на почетокот на следната седмица. Конкуренцијата за место во составот е голема, а стручниот штаб ќе има можност да ги избере најподготвените играчи за натпреварите што следуваат.
Со официјализирањето на настапот на Горига , Македонија добива уште една опција во обидот да го подигне квалитетот на репрезентативната игра и да се доближи до посакуваниот пласман на Европското првенство во 2028 година.

