Меѓународен фудбал Фудбал

Лапорта удри по Реал Мадрид поради…

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, повторно упати провокација кон најголемиот ривал Реал Мадрид, овојпат за време на Генералното собрание на членовите на каталонскиот клуб. Лапорта уште на самиот почеток од своето обраќање направи споредба меѓу Барселона и нејзините конкуренти, при што индиректно го посочи Реал Мадрид и начинот на кој клубот од шпанската престолнина ги решава своите финансиски предизвици.

„Нашите противници, кога имаат проблем, едноставно им преквалификуваат земјиште и готово“, порача Лапорта.

Изјавата се однесува на неодамнешната одлука на властите во Мадрид за промена на намената на околу 448.000 квадратни метри земјиште во спортскиот комплекс на Реал во Валдебебас. Со тоа на клубот му се отвора можност за развој на нови комерцијални активности и дополнителни извори на приходи. Лапорта, сепак, поголем дел од своето обраќање го посвети на Барселона и нејзината финансиска состојба. Тој изрази задоволство од резултатите на тимот предводен од Ханзи Флик, но нагласи дека клубот мора да продолжи внимателно да работи на стабилизација и раст.

Посебно внимание доби проектот „Еспај Барса“ и реконструкцијата на „Спотифај Камп Ноу“. За продолжување и забрзување на работите потребно е дополнително финансирање од 300 милиони евра. Според Лапорта, зголемените трошоци се последица на низа непредвидени околности, меѓу кои и воените конфликти и растот на цените на материјалите. Тој очекува завршувањето на стадионот да донесе значителен финансиски ефект и приходи кои би достигнале околу 1,4 милијарди евра до 2030 година.

„Камп Ноу ќе биде без преседан извор на приходи. Мора да го завршиме стадионот и што побрзо да ги активираме новите извори на приходи“, истакна претседателот на Барселона.

Лапорта притоа уверуваше дека финансиската состојба на клубот се движи кон стабилизација. Тој посочи дека Барселона третпат по ред остварува позитивен оперативен резултат, и покрај тоа што во изминатиот период тимот мораше да настапува на повеќе стадиони. На крајот од обраќањето, Лапорта се осврна и на идентитетот на Барселона, нагласувајќи ја нејзината поврзаност со Каталонија, каталонскиот јазик, слободата, разновидноста и општествената одговорност.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.