Иако на 19 години ги освои најголемите светски трофеи и заедно со Рафиња диктира застрашувачки ритам на стартот од сезоната во Барселона, Ламин Јамал одбива да се задоволи со оствареното. Во емотивно и отворено гостување во култната емисија „Универзум Валдано“, еден од најголемите млади бисери во фудбалскиот свет прозбори за своите строги лични стандарди, психолошкото созревање и гладта за индивидуални признанија.
Иако „фуријата“ го покори светот ова лето во САД, младиот адут признава дека заминал од Мундијалот со доза на незадоволство од сопственото издание, дури и во моментите кога со своето движење привлекуваше по двајца чувари, отворајќи му простор на Педро Поро да асистира за победничкиот гол на Феран Торес во финалето против Аргентина.
„Неизмерно сум среќен што го освоивме Мундијалот, но не бев задоволен од мојата игра. Повредата од крајот на сезоната не ми е никаков изговор. Знам за што сè сум способен и свесен сум за своите можности. Да привлечеш двајца или тројца противници е одлична работа за тимот и тренерот тоа го цени, но за мене лично тоа едноставно не е доволно кога ги знам сопствените капацитети“, искрен е асот на Барселона.
Младиот Шпанец се потсети и на непроценливата психолошка инјекција што му ја даде поранешниот капитен Алваро Мората уште на 16-годишна возраст пред дуелот со Бразил на „Сантијаго Бернабеу“, кога го прегрнал и му рекол: „Знам дека си најдобар во светот, само верувај во себе и излези да го покажеш тоа на теренот“.
Покрај необичната судбина да се соочи во мундијалското финале против Лионел Меси, истиот човек кој го капеше во соблекувалната како бебе, Јамал без да двоуми истакна дека верува оти според остварените резултати изминатава година ја заслужил „Златната топка“, гледајќи го Килијан Мбапе како свој главен конкурент. На крајот, тој со невообичаена зрелост порача дека расистичките навреди со кои често се соочува на шпанските стадиони никогаш нема да му ја одземат фокусираноста на патот кон фудбалската бесмртност.

