Кога најгламурозната кошаркарска франшиза во светот ќе претрпи уште еден неуспех во раната фаза од плејофот, промените во буџетот и во ростерот не се само опција, туку апсолутна неминовност. Во градот на ангелите никогаш не се задоволувале со просечност, па затоа кога се планира иднината, секогаш се цели кон најголемите ѕвезди на НБА небото. Наместо тагување по изгубената сезона, раководството на тимот веќе ги крои плановите за спектакуларен деловен потег кој целосно би ја променил конфигурацијата на силите во лигата.
Иако иднината на Леброн Џејмс сè уште е обвиена со мистерија и постои реална опција тој да замине во пензија или да го смени клубот, ваквиот развој на настаните им отвора огромен простор во буџетот на челниците од Лос Анџелес. Со ослободените финансиски средства, „езерџиите“ се подготвени да тргнат на сè или ништо во претстојниот преоден рок, со јасна цел, да му донесат соиграч од соништата на Лука Дончиќ и да го ангажираат незапирливиот Јанис Адетокумбо.
Грчкиот „Грик Фрик“ веќе подолг период јавно го изразува своето незадоволство од ситуацијата во Милвоки Бакс, а по сè изгледа дека и трпението на раководството на Бакс е при крај. Тие летово се подготвени да ги сослушаат сите сериозни понуди за трејд на својата прва ѕвезда. Главниот адут на Лејкерси во оваа мега-размена би бил Остин Ривс, кој сака да си замине поради ниските примања, а во пакетот за Милвоки би биле вклучени уште двајца играчи од ротацијата и два вредни пика од идните драфтови.
Американските аналитичари проценуваат дека иако Милвоки ќе ги чека понудите и од останатите франшизи, ЛА Лејкерс во моментов фигурира како еден од најсериозните кандидати за потписот на Јанис, со што Лос Анџелес повторно би станал главен фаворит за шампионскиот прстен.

