Курасао приреди големо изненадување на Светското првенство, освојувајќи бод против фаворизираниот Еквадор во натпревар кој заврши без голови (0-0). Иако резултатот сугерира мирен дуел, случувањата на теренот беа сосема поинакви.Главен херој на карипската селекција беше голманот Елој Рум, кој имаше фантастична вечер и со дури 15 одбрани го сочува својот гол недопрен. Искусниот чувар на мрежата беше несовладлив и беше најзаслужен што Курасао стигна до првиот бод во својата мундијалска историја.
Еквадорците создадоа голем број шанси уште од самиот почеток, но Валенсија, Каиседо, Плата и останатите офанзивци не успеаја да најдат решение за расположениот Рум. Сепак, и Курасао имаше свои моменти и покажа дека не е дојден на турнирот само да се брани. Во финишот Еквадор тргна на сè или ништо, ја погоди и пречката, но голот едноставно не сакаше да дојде. Благодарение на неверојатната партија на Рум, избраниците на Дик Адвокат освоија историски бод и останаа во игра за пласман понатаму.
Од друга страна, Еквадор си ја искомплицира ситуацијата во групата и во последното коло ќе мора да бара позитивен резултат против Германија доколку сака да продолжи во нокаут-фазата.

