Кошарка Македонска кошарка

Куманово со историска шанса за трофеј, на патот стои МЗТ Скопје

Кошаркарите на МКК Куманово вечерва ќе имаат можност да испишат нова страница во историјата на клубот. Кумановчани за првпат ќе се борат за трофејот во Суперкупот на Македонија, а последната пречка до него ќе биде МЗТ Скопје Аеродром. Куманово во финалето влегува со позитивна атмосфера по добро одработениот подготвителен период. Тимот со големи амбиции ја очекува првата официјална средба во новата сезона, а дополнителен мотив ќе биде можноста уште на стартот да се стигне до трофеј.

Еден од играчите од кои се очекува значаен придонес и оваа сезона е Максим Митевски. Тој и минатата сезона имаше важна улога во составот на кумановскиот тим, а пред големото финале посочува дека концентрацијата и дисциплината ќе бидат клучни за исходот.

„Очекувам натпревар со висок интензитет, каде деталите ќе го одлучат крајниот исход. Имавме добар подготвителен период и со максимален пристап и дисциплина сакаме да влеземе во овој натпревар. Нашата публика секогаш приредува одлична атмосфера за играње, а освојувањето на овој трофеј ќе биде од огромно значење за сите нас“, вели Митевски.

Кумановчани ќе имаат и значајна поддршка од трибините. Домашната атмосфера може да биде дополнителен импулс за екипата, која е пред голем предизвик, но и пред историска можност. Од другата страна ќе биде МЗТ Скопје Аеродром, еден од најискусните состави во македонската кошарка и тим кој има богато искуство во борбата за Суперкупот. Токму затоа кумановскиот состав ќе мора да одигра на високо ниво во текот на сите 40 минути доколку сака да стигне до посакуваниот трофеј.

Финалето носи посебна тежина за Куманово, бидејќи клубот за првпат има можност да го освои Суперкупот. Со поддршката од своите навивачи и мотивот да се започне сезоната со трофеј, кумановските кошаркари ќе се обидат да направат историски чекор и со победа да го отворат новото натпреварувачко поглавје.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.