Куманово продолжува да го гради ростерот за новата сезона, а по ангажманот на неколку искусни македонски кошаркари, тимот се засили и со интернационално име. Нов член на финалистот во Купот на Македонија е американскиот плејмејкер Камерон Гуден. Станува збор за 27-годишен кошаркар висок 183 сантиметри, кој доаѓа од САД и игра на позицијата организатор на играта. Гуден е роден во Слајдел, Луизијана, а поголемиот дел од својата кариера ја помина во американската колеџ-сцена.
Новиот кошаркар на Куманово настапувал во НЦАА-лигата за Универзитетот Јута и Дикси Стејт, каде што стекнал значајно искуство во еден од најконкурентните системи во светската кошарка. Последниот ангажман на Гуден пред преселбата во Македонија беше во Мексико, каде што настапуваше за Рајос де Хермосилјо.
Со неговото доаѓање, Куманово продолжува да го засилува составот и да ги потврдува високите амбиции пред новата сезона. Клубот претходно ги обезбеди и услугите на Бојан Крстевски, Бобан Стајиќ, Ренато Димитриевски и Алек Петковски. По одличната мината сезона и пласманот во финалето на Купот на Македонија, кумановци очигледно немаат намера да застанат, туку со сериозни засилувања најавуваат атак на нови успеси.

