Меѓународен фудбал Фудбал

Кулушевски повторно тренира, Шведска го чека со отворени раце

Дејан Кулушевски е сè поблиску до големото враќање на фудбалските терени, а неговиот кам-бек би можел наскоро да биде проследен и со повторен настап за репрезентацијата на Шведска. Крилниот фудбалер на Тотенхем по неверојатни 477 дена повторно влезе во полн тренажен процес по комплицираната повреда на коленото. Сепак, во лондонскиот клуб не сакаат да брзаат со неговото враќање во натпреварувачки ритам, особено откако минатата недела почувствувал нов, помал проблем.

Селекторот на Шведска, Греам Потер, откри дека Кулушевски е многу блиску до повторен повик во националниот тим, но потенцираше дека конечната одлука ќе биде донесена во договор со фудбалерот и Тотенхем.

„Тој всушност е многу блиску. Навистина сум импресиониран од начинот на кој се справи со повредата. Секако, мора да бидеме внимателни со него. Се надевам дека ќе дојде со нас, но прво мора да разговараме со Дејан и Тотенхем“, изјави Потер.

Шведскиот селектор не крие дека Кулушевски има огромно значење за репрезентацијата и дека неговото враќање би било голем плус за тимот.

„Неговата важност за репрезентацијата не може доволно да се нагласи. Тој е неверојатно важен за тимот. Го сакаме поради неговиот карактер и квалитети. Тој е светска класа и многу значи кога е со нас“, додаде Потер.

Последниот настап за Шведска Кулушевски го имаше во ноември 2024 година против Азербејџан, кога блесна со два гола и една асистенција во убедливата победа од 6-0. Досега има 45 репрезентативни настапи, со пет гола и 12 асистенции. Следниот репрезентативен циклус за Шведска носи натпревари против Романија и Полска на домашен терен, а потоа и гостувања кај Босна и Херцеговина и Романија. Сепак, останува неизвесно дали Кулушевски ќе биде целосно подготвен токму за овие средби.

Во Тотенхем, пак, веруваат во неговото успешно враќање. Кулушевски е вклучен во 25-члениот состав на клубот за сезоната во Премиер лигата, што е јасен сигнал дека во Лондон сериозно сметаат на него по долгата пауза.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.