Меѓународен фудбал Фудбал

Крвав крај на прославата во Лондон: Шестмина избодени по шампионската парада на Арсенал!

Големото славење на навивачите на Арсенал по повод освојувањето на титулата во Премиер лигата заврши со сериозни инциденти во северен Лондон. Тамошната полиција соопшти дека по завршувањето на официјалниот дел од парадата, регистрирани се шест напади со нож, а приведени се вкупно 24 лица.

Најкритично поминал младиот маж во своите 20-ти години, кој бил итно пренесен во болница во состојба опасна по живот по нападот на улицата „Хорнзи Роуд“. Неговата состојба во моментов е стабилна. Меѓу повредените има и припадници на полицијата, еден полицаец се здобил со расекотина на раката, додека друг бил погоден со тврд предмет во главата.

„Најголемиот дел од стотиците илјади фанови славеа одговорно, но за жал, како што одминуваше вечерта и толпата се намалуваше, дојде до насилства и инциденти поврзани со улични банди“, изјави командантот Стјуарт Бел.

За безбедноста на овој масовен настан беа ангажирани над 500 полицајци, кои мораа да интервенираат во повеќе наврати. Меѓу 24-те уапсени, десетмина се казнети за напад врз службени лица, тројца за сексуален напад, а еден за нанесување тешки телесни повреди. Навивачите оштетија и неколку полициски возила, кршејќи ги стаклата и светлата.

Покрај полицијата, полни раце работа имаа и лондонските пожарникари, кои мораа да спасуваат дури 75 навивачи кои небезбедно се качија на покривите од околните објекти. Поради ескалацијата на насилството во доцните часови, на полициските сили им беа доделени вонредни овластувања за претрес на сомнежните лица на лице место, а истрагата за нападите е сè уште во тек.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.