Легендарниот аргентински фудбалер Хорхе Валдано застана во одбрана на Кристијано Роналдо, кој и на 41-годишна возраст продолжува да игра професионален фудбал, и покрај критиките дека неговите настапи веќе не се на нивото од најдобрите денови во кариерата. Поранешниот светски шампион од Мундијалот во 1986 година смета дека достигнувањата на португалската ѕвезда се толку големи што ниту завршницата на неговата кариера не може да го промени местото кое го има во фудбалската историја.
Валдано, кој има 71 година и зад себе има богата играчка и тренерска кариера, потсети дека последните поглавја од кариерата не мора да бидат на исто ниво со најславните моменти за еден фудбалер да остане запаметен како легенда. Како примери ги посочи Јохан Кројф, Пеле и Диего Марадона, чии последни фудбалски години не ја намалија нивната историска вредност.
„Влијанието на Кристијано врз фудбалскиот свет е толку огромно што ништо не може да ја наруши неговата репутација. Покрај тоа, завршната фаза од кариерата на еден играч не е толку значајна. Јохан Кројф ја заврши кариерата во Леванте, во втората лига. Пеле се пензионираше во Космос, а за Марадона дури и не знаеме каде точно ја заврши кариерата. И покрај тоа, никој од нив не престана да биде на пиедесталот на фудбалската историја“, порача Валдано.
Аргентинецот дополнително нагласи дека желбата да се продолжи со играње фудбал, без оглед на возраста и фазата од кариерата, треба да се гледа како израз на љубов кон спортот, а не како причина за критики.
„Целосно се согласувам со идејата дека човек треба да го испие фудбалот до последната капка. Не е важно дали тоа се случува во залезот на кариерата – за мене тоа е уште еден начин да се покаже љубовта кон играта“, додаде поранешниот фудбалер и тренер на Реал Мадрид.
Со оваа порака Валдано испрати јасна поддршка до Роналдо, нагласувајќи дека наследството на еден фудбалер не се оценува според последните сезони, туку според сè што оставил зад себе во текот на кариерата.

